Датум: 03.01.2011, 09:23
Новогодишна пливачка голгота
Олимпискиот базен во Скопје ќе биде на ремонт подолго време, а пливачите и ватерполистите се насукани на суво затоа што ниеден друг базен во земјава не работи
Над 400 пливачи, маратонци, ватерполисти и пливачки-почетници моментно се оневозможени да работат затоа што пред неколку дена е затворен Олимпискиот базен, а нема друг покриен базен од јавен карактер што работи во земјава. Тренерите и пливачите се согласуваат дека прекинот на работа од над 40 дена, колку што треба да трае ремонтот на Олимписки, е погубен за тренажниот процес.
Состојбата е полоша, затоа што на Олимписки се испразнети и големото и малото корито, а не работи ни базенот Карпош, кој од есеноска се реновира. Пливачите насукани на суво планираат да се снаоѓаат кој како знае.
Репрезентативците Симона Маринова, Горазд Чепишевски, Тијана Тасевска, Дамјан Петровски.., кои се подготвуваат за да бркаат норми за СП во Шангај, се чудат како да го решат проблемот. Најзагрозени се македонските маратонци Томи Стефановски, Евгениј Поп Ацев, Илија Стојановски, Игор Димовски, кои се подготвуваат да настапат во Гран при серијата на ФИНА, која почнува во февруари. Токму кога тренинзите им се најпотребни, останаа на суво.
- Исклучително лоша е состојбата. Не работат ни големото, ни малото корито на Олимписки, ни базенот Карпош. Како ќе се натпреваруваме во Гран при серијата? Работиме со месеци и сега сето тоа може да падне во вода затоа што немаме базен - вели Димовски.
Пливачите велат дека Олимписки не известил ниеден клуб официјално дека нема да работи. Едноставно ја испразниле водата. Порано при ремонт на Олимписки пливачите се селеа во Карпош и некако го одржуваа континуитетот. Сега буквално во цела држава нема ниеден базен во функција.
Од Олимписки велат дека малото корито во кое како-така може да се тренира, ќе го пуштат околу 17 јануари.
- С` уште не знаеме кога и дали ќе го пуштиме големото корито. Треба да се договориме за некои работи со државните структури надлежни за овој објект, па потоа ќе видиме како ќе оди работата со полнењето на големото корито - ни велат во Олимписки.
Периодичните неработења на Олимпискиот базен и на базенот Карпош во Скопје во последниве десетина години му нанесоа огромна штета на пливањето како спорт. С` помалку деца решаваат да пливаат, затоа што не знаат кога ќе останат на суво. Покрај тоа, на Олимписки, кога работи, е многу скапо да се плива, затоа што пливачите се принудени да плаќаат за секој тренинг.
Пливањето, од олимписки спорт број еден во државава спадна на ниски гранки. Порано, кога базените работеа редовно, пливачите редовно постигнуваа норми за учество на Летните олимписки игри, а имаше успеси на светски и европски и балкански првенства. Во поново време тоа с` поретко се случува. Норми за ЛОИ веќе нема, а рекордите се с` поретки.
Благоја Георгиевски