Pages

Dover-English Channel PORT

Dover-English Channel PORT

Wednesday, December 1, 2010

swimming the ENGLISH CHANNEL

Игор Димовски го преплива Ла Манш

На четвртиот Македонец со ваков подвиг, по Нико Нестор, Атина Бојаџи и Томи Стефановски, му беа потребни 13 часа
Од нашиот дописник Томислав Ивановски
ЛОНДОН - Македонскиот маратонец Игор Димовски го преплива каналот Ла Манш на неговата, за маратонско пливање, класична делница меѓу англиското пристаниште Довер и францускиот брег, кај градот Кале. Димовски е четвртиот Македонец со ваков подвиг. Пред него тоа им успеа на Нико Нестор во 1959 година, на Атина Бојаџи десет години подоцна, како и на Томи Стефановски лани. Оваа патека меѓу британските острови и европскиот континент се обиде пред повеќе години да ја исплива и Ристо Бимбиловски, и тоа во пеперутка-стил, но се откажа пред да пристигне до францускиот брег.

Оддалеченоста меѓу Довер и Кале, која е 34 километри, Димовски ја преплива за нешто над 13 часа, што е многу повеќе од времето што тој и неговиот тренер го имаа претходно испланирано. Беше предвидено да плива меѓу 7,5 и осум часа, но во понеделникот времето и водите во каналот не му беа наклонети на македонскиот маратонец. Тој тргна невообичаено рано од Довер, во 4 часот, по наговор на капетанот на придружниот брод, во обид да ја избегне посилната плима што беше најавена.

Во нашиот телефонски разговор вечерта пред пливањето Димовски ни објасни дека два дена чека и тренира на британскиот брег во надеж дека ќе се намалат силата на ветерот и на морските струи, кои се тешко предвидливи. Нашиот маратонец ни се пожали на температурата на морската вода, која изминатите денови постојано се движеше меѓу 14 и 16 степени.

Во разговорот рече и дека, според тоа што нему и на тренерот им го соопштиле домаќините, во текот на пливањето во понеделникот се очекува ветерот да се смири, но оти плимата и струите што ги има во водите од каналот ќе бидат посилни. Се покажа дека таквата прогноза беше точна, а во одредени моменти временските услови беа и полоши од оние што се очекуваа, што влијаеше македонскиот маратонец да плива многу повеќе и многу подолго во студената вода. Тоа бараше од него речиси натчовечки напори за да остане во трката со морските километри и да се бори со неповолните услови за пливање.

Луѓето што го придружуваа во бродот со англискиот капетан, кој го следеше препливувањето на Димовски, во телефонската комуникација што ја имавме објаснуваа дека во првите пет часа работите, главно, се одвиваа поволно за нашиот пливач, особено што ветерот му дуваше в грб, а не в лице. Но, на половина од патеката Димовски имал грч во мускулите и проблеми во пливањето, што некако ги совлада. Подоцна, пред целта, кај францускиот ’рт Гри Не, тој мораше да вложи дополнителен напор во борбата со силната контраструја, која го оддалечуваше од целта и во еден момент ја доведе во прашање успешноста на целиот потфат.

Според Зоран Михајлов, кој беше во придружбата, условите за пливање биле толку тешки што во последните четири-пет километри од патеката Димовски бил принуден да ги плива дури пет часа. Тоа и предизвика неговиот денешен подвиг да се оддолжи до предвечерјето во понеделникот. Сепак, иако исцрпен од борбата со непредвидливите каналски води и измрзнат од долгото пливање во студеното море, Димовски успеал за кратко да се исправи на францускиот брег и да го одбележи, а сам за себе и да го прослави својот успех, совладувањето на Ла Манш и приклучувањето кон сите пливачи од Македонија и од светот, познати и непознати, кои уште од далечната 1875 година тргнуваат на овој потфат. Веднаш потоа нашиот маратонец и целата екипа што го придружуваше се вратија со бродот што го водеше при пливањето, назад во Довер.

Ова беше прв пат Игор Димовски да се обиде да го преплива каналот, откако од пред седум години целосно му се посвети на маратонското пливање. Тој има 33 години и повеќе од дваесет години е пливач. Досега учествувал на три маратони - на Охридско Езеро, во Грција и на Савскиот маратон кај Шабац. Предвидено е да се врати во Македонија денеска.

Инаку, Атина Бојаџи во 1969 година го преплива каналот Ла Манш, но во спротивен правец - од Франција кон Англија, за 13 часа и 20 минути. Пред тоа, Нико Нестор пливаше 12 часа и 6 минути, а одлично време минатата година постигна Томи Стефановски, кој успеа оваа тешка делница да ја преплива за 7 часа и 42 минути.

Рекордот во препливувањето на Ла Манш со најдобро време го има Петар Стојчев од Бугарија, кој го преплива за 6 часа и 57 минути. Во текот на денешниот ден телефонски разговаравме и со Игор Димовски, кој, и покрај големите напори, се чувствува многу добро, досега доби многу телеграми и СМС-пораки со честитки за овој свој подвиг, кој го финансираше скопската општина Карпош.