Нов Да Винчи код откриен во очите на Мона Лиза
Нов Да Винчи код е откриен во прочуената слика Мона Лиза на италијанскиот ренесансен сликар Леонардо Да Винчи, при што тајната не е во загонетната и се уште неразјаснета насмевка, туку во нејзините очи, пишува „Дејли телеграф“.
Како што јави дописникот на МИА од Лондон, најновите истражувања покажуваат дека во очите на Мона Лиза се скриени мошне мали букви и бројки, што експертите сега се обидуваат да ги декодираат. Во десното око, забележани се ситните букви Л и В, што секако се иницијалите на уметникот, но во левото око има „мистериозни симболи“, за кои засега не се знае што претставуваат.
Трагањето по тајната што ја кријат во себе очите на Мона Лиза, според лондонскиот весник, се надоврзува на решението на италијанскиот државен Комитет за културно наследство, да побара дозвола за ексхумација на посмртните останки на прославениот уметник. Намерата е да се направи анализа на черепот на Леонардо за да се утврди дали портретот на Мона Лиза, всушност, е автопортрет.
Станува збор за намерата да се испита вистинитоста на една од бројните теории за идентитетот на мистериозната жена, која е насликана и означена како Мона Лиза. Некои историчари на уметноста сметаат дека големиот мајстор на уметноста Да Винчи, бил хомосексуалец, па дека како наклонет кон правењето загатки и опседнат со мистерии, решил да се наслика себе си, преправен како жена.