|
Исправи се, Игоре!

Група капачи сакаа да му помогнат на Димовски да излезе од водата, но тој не им дозволи, бидејќи ќе беше дисквалификуван
Миодраг Мицковиќ
Какво е чувството да бидеш повеќе од 13 часа во студените води на Ла Манш, чија температура изнесува меѓу 14 и 16 степени, да се бориш со бранови, со силните струи што не дозволуваат да пливаш кон целта, кои во некои моменти дури те враќаат назад. Тоа може да го раскаже само новиот спортски херој на Македонија, маратонецот Игор Димовски, кој на 2 август беше четврти Македонец што успеа да го преплива каналот Ла Манш, долгогодишна традиција на Англија, сон на секој маратонец во светот.
Колку само напори, колку издржливост му беа потребни на Игор Димовски да го преплива каналот и да стапне на францускиот брег, истоштен, со крајни напори да излезе од студената вода, да се исправи, да ги крене високо рацете и да ја слушне сирената од бродот што го означи крајот на неговиот подвиг, која беше знак дека успеал да го преплива Ла Манш под лоши временски услови и многуте пречки што ги имаше на тој пат од Довер до ’ртот Грин на францускиот брег.
-Бев сведок на сите тие настани, на таа тринаесетчасовна борба со брановите, струите, во еден момент и со медузите, на Димовски во препливувањето на Ла Манш, ни раскажуваше во телефонскиот разговор познатиот спортски новинар Зоран Михајлов, кој го придружуваше во малото бротче на тој пат, кој требаше да биде долг 34 километри, но поради силните струи и бранови, беше многу подолг. Кога влезе во водата точно во 5 часот наутро по наше време, беше темно, прст пред око не се гледаше. Уште по доаѓањето со бротчето до местото од каде што требаше да стартува, брановите беа мошне силни, малку требаше да го преврти бродот. На капата Димовски имаше батериска лампа за да можеме да го следиме во ноќта се' додека да се раздени. Во еден момент, не знаеме што се случува, тој се пожали по стотина метри пливање дека удрил во нешто тврдо, за среќа, не се повреди. Што беше тоа, не знаеше да го објасни ниту искусниот капетан Ленс Орвел, кој го водеше Димовски до целта. Дали беше некоја карпа, дел од некој потонат плепер, остана тајна.
-Се' до половина патека Димовски пливаше одлично, тие 15 километри ги мина за 3,5 часа. Дури доколку продолжеше со вакво темпо, ќе постигнеше одлично време, околу 9 часа, но потоа се' тргна на лошо. Времето почна да се влошува, неочекувано се појавија силни струи, кои, според зборовите на капетанот, се непредвидливи, никогаш не се знае каде точно се движат. Некаде по 9 часа пливање, Димовски имаше и криза, го фати грч на левата рака, потоа и на нозете, беше малку критично, но, сепак, издржа и продолжи да плива. Најтешко беше при крајот, тие последни четири километри кога веќе се наѕираше францускиот брег, Димовски ги пливаше за 3,5 часа. Струите речиси го носеа час лево час десно. Едно време пливаше речиси в место. За несреќата да биде поголема, налета на едно јато медузи, на само петстотини метри пред целта, една го касна на вратот, имаше болки, но не се откажуваше, продолжи да плива.
- Вистинска драма се одвиваше на околу 300 метри до брегот, се чинеше дека е тука на дофат кога во еден момент една силна струја го врати можеби петстотини метри назад. Капетанот со сите сили се обидуваше да изнајде пат, да ги одбегне струите, мораше да го води Димовски, што се вели цик-цак. А, тој со последни сили ги движеше рацете и не помислуваше да се откаже. Како што потоа ми кажа: „Ќе се удавев ако беше потребно, но немаше да се откажам, зарем да ги разочарам сите оние што имаа доверба во мене, што ми помогнаа да се обидам да го препливам Ла Манш.
Кога веќе дојдовме до стотина метри пред целта, капетанот повеќе не го водеше Димовски, тој продолжи сам кон брегот, ние со страв го следевме прашувајќи се дали ќе успее да излезе од водата и да се исправи што го бараат правилата од сите пливачи на Ла Манш. Кога веќе почна да излегува од водата, падна на коленици. Ни се стегна срцето, зарем сега кога веќе го допре францускиот брег ќе нема сили да излезе од водата. Тука, во непосредна близина имаше десетина капачи, кои дотрчаа за да му помогнат на Игор да излезе од водата, но тој ги бркаше не дозволувајќи им да му пријдат, бидејќи секој нивни допир, пред да се исправи, ќе беше дисквалификација за него. На крајот, сепак, најде сили, се исправи, излезе од водата на песокот, ги крена рацете кога се слушна сирената што ја притисна капетанот Орвел на бротчето што значеше и успех на Димовски и крај на сите негови, па и наши маки, бидејќи беше напорно на сите нас да минеме 13 часа во бротчето доживувајќи ја оваа драма заедно со Игор.
Што јадеше и што пиеше Димовски за тие 13 часа колку што беше во водата?
- На секои 15 минути му дававме чај, сокови, сопругата на капетанот му подготвуваше пијалаци со витамини што ги користат сите маратонци при препливувањето на Ла Манш, но поради бранови, половина чаша ќе испиеше, половина ќе се истуреше во морето. Изеде и многу банани, ни рече Зоран Михајлов во нашиот телефонски разговор. |
|